Актуелниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, нема повторно да биде кандидидат на локалните избори во мај.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, тој ваквата одлука ја соопштил на затворен состанок со неговите заменици и соработници, а во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека нема да се кандидира од лични, а не од политички причини.
– Мојата одлука е лична, а не политичка. По 16 години во локалната самоуправа сметам дека мојот циклус е завршен, вели Бутарис за грчката новинска агенција.
Во однос на тоа како ја гледа иднината на градот, солунскиот градоначалник истакнува дека неговата администрација „го отворила Солун кон светот“.
– Го посадивме семето за обнова и екстровертност. Верувам дека градот ќе ги создаде соодветните услови за да не се вратиме во сивата и интровертна средина, потенцира солунскиот градоначалник.
Бутарис првпат беше избран за градоначалник на Солун на изборите во 2010., а четири години подоцна повторно ја доби довербата од граѓаните.