Жители на косовскиот град Качаник минатата ноќ јавно палеле производи по потекло од Србија, јавија српските медиуми.

Според истите извори, тие го снимале уништувањето на српските производи и потоа видео снимките ги објавиле на социјалните мрежи.

На снимките се гледа како присутните лица палат кутии полни со српски стоки, меѓу кои и кондиторски производи и средства за хигиена.

На едно од видеата маж вели дека се решиле на ваков потег по апелите за бојкот на српски производи.

По неуспехот на Косово да стане членка на Интерпол, Владата во Приштина вчера донесе одлука за зголемување на таксите за производите од Србија и Босна и Херцеговина за 100 проценти.

Косовските медиуми јавија дека по ваквата владина одлука во многу места поскапеле голем број производи, меѓу кои и лебот, брашното, маслото за јадење, солта и шеќерот. Само лебот поскапел за околу 30 проценти на 40 до 50 евро центи.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2018 20:54