Во Македонската опера и балет вечер ќе биде изведена операта „Травијата“ во режија на Верена Штојбер од Германија, која премиерно беше прикажана на минатогодишните Мајски оперски вечери.

Се работи за модерна постановка на познатата опера од Верди, зашто идејата на режисерката Штојбер беше да прикаже „нормални“, а не бајковни ликови. Во ликот на Виолета Валери во премиерата минатиот мај настапи сопранистката Ана Дурловски.

– Моќна, динамична, привлечна, исполнета со емоции и страст – се само дел од епитетите за „Травијата“. Безвременското либрето и живописните ликови на „Травијата“ ја сместуваат меѓу најпопуларните и истовремено најинтимните оперски ремек-дела на Џузепе Верди, соопшти МОБ.

Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер од Германија. Во главните улоги настапуваат Сања Керкез од Србија, Иван Mомиров од Бугарија и Горан Начевски. Учествуваат оперски солисти, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ. Диригент е Бисера Чадловска.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 09:55