Фондот за иновации не одговори на транспарентноста и отчетноста што ја ветуваше, и сега ќе треба да сериозно да се бави со тоа како ќе ја врати довербата, сметаат работодавачите. Претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков вечерва во емисијата „Во светот на бизнисот“ на Алфа, порача дека веќе луѓето кои сакаат и имаат со што да бидат инвентивни, не веруваат дека ќе добијат пари и ќе имаат еднаков третман, ако учествуваат на јавните повици на Фондот.

-Транспарентноста и отчетноста беше нарушена и сега Фондот ќе треба многу да се позанимава со тоа како ќе ја врати довербата дека навистина средствата ги даваат, ги даваат објективно и за правите намени. Исто така е важна поддршката на младите претприемачи и важно е тие да останат во земјата да веруваат дека тука можат да основаат сопствен бизнис и на тој начин ќе ги привлечат и странците да инвестираат, вели Бошков.

Според него, влијанието на бизнис заедницата треба да е главна точка околу која ќе се организира економскиот развој.

- Не ја омаловажувам улогата на ММФ, но поважно е што мисли бизнис заедницата. А таа го изгуби приматот и моќта. Јавниот долг покажува дека економската слика, не се остварува според планот, а на тоа влијае политиката. Без полнење на буџетот без придвижување на економијата нема да го враќаме долгот, без оперативна ликвидност нема да може да се помрднеме, нагласува Бошков



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 11:20