Владата на Косово објави дека денешната акција за апсење на четири лица е во врска со убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби, и нема врска со актуелните политички случувања, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на косовската Влада, акцијата е спроведена по налог на Специјалното обвинителство на Косово и е целосно согласно законот.

– Владата на Косово ги уверува сите граѓани дека косовската држава и нејзините органи на редот на ниту еден начин и никогаш нема да се насочат против некоја етничка или политичка група, се вели во соопштението.

Владата ги повикува граѓаните, политичките субјекти, градоначалниците, посебно оние во северниот дел, со мнозинско српско население, и другите органи, „да придонесат за одржувањето на јавниот ред, во полза на мирот и стабилноста“.

– Битно е никој да не подлегне на разните дезинформации. Зачувувањето на мирот и почитувањето на законот е во интерес на сите во Косово, се вели во владиното соопштение.

Оливер Ивановиќ, лидер на Граѓанската иницијатива Србија, демократија, правда (СДП), беше убиен на 16 јануари годинава во северна Митровица, пред седиштето на неговата партија. Досега немаше речиси никакви информации за мотивите и сторителите на убиството, а утрово, во врвска со случајот, со интервенција на специјалните поллициски единици на Косово РОСУ, беа уапсени четири лица.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 11:32