Косовското Специјално обвинителство соопшти дека во акцијата што утрово ја спроведоа специјалните полициски единици РОСУ во северна Митровица се уапсени четири лица осомничени за убиството на Оливер Ивановиќ и е пронајдено оружје и друг доказен материјал, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на обвинителството се наведува дека во акцијата е извршен претрес на неколку објекти и имоти, за кои имало сознанија дека во нив може да се откријат значајни докази за кривичното дело, односно за досега нерасветленото убиство на Ивановиќ, еден од лидерите на косовски Срби.

– Со цел да се спроведат законските процедури за обезбедување докази за апсењето на осомничените лица за кривичното дело – убиството на Оливер Ивановиќ, врз основа на барање на Специјалното обвинителство на Република Косово и писмениот налог од судија во претходна постапка од тешки злосторства во Приштина, претресени се неколку објекти и имоти во северниот дел на Митровица, затоа што е оценето дека има реални можности на тие места да се откријат и запленат значајни докази за кривичното дело, се вели во соопштението на обивнителството.

Во акцијата, како што се наведува, „полицијата на Косово пронајде илегално оружје и други материи кои претставуваат кривично дело и за кои се постапува според службена должност“.

Оливер Ивановиќ беше убиен во јануари годинава во северна Митровица, недалеку од неговиот дом, пред седиштето на неговата партија, Граѓанската иницијатива СДП и досега немаше речиси никакви информации за сторителите и мотивите за убиството.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 11:35