Косовската полиција, во соопштението по повод утринската акција на специјалните единици РОСУ во северна Митровица, објави дека двајца од четворицата уапсени се полициски службеници, јави дописникот на МИА од Приштина.

Исто така се наведува дека тројца се упасени како осомничени за кривично дело „тешко убиство“, додека четвртото лице е приведено поради пружање отпор и спречување на полициските службеници во извршувањето на нивните задачи.

По едно лице и натаму се трага, а според косовскиот портал на српски јазик „КосСев“, станува збор за Милан Радојичиќ, заменик градоначалник на северна Митровица.

– Полицијата на Косово, конкртно Управата за истражување на тешки злосторства под раководство на Специјалниот обвинител и Специјалното обвинителство на РКС (Република Косово), како и со поддршка на другите специјални полициски единици, денеска, на 23.11.2018, по неколку месечна истрага по налог на судот, изврши контроли на четири локации во градот Митровица-Север. Во операцијата се упасени четири лица, се вели во официјалното соопштение на полицијата.

Во него се наведува дека сите уапсени се од српска националност, а нивниот идентитет, согласно законот, е објавен со иницијали и година на раѓање.

Медиумите, пак, го откриваат целосниот идентитет на уапсените, така што се дознава дека се работи за двајцата полициски службеници, Недељко Спасојевиќ, роден 1976 година и Драгиша Марковиќ (1970), како и лицата Марко Рашиќ (1993) и Саша Ќиричиќ (1965).

Операцијата е спроведена во рамки на истрагата за убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари годинава, а во ацијата е запленето и нелегално оружје и друг доказен материјал.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 12:49