Македонија е еден од главните столбови на економската стратегија на Германија, германските компании сакаат да дојдат тука, но мора да се инвестира во образованието за да се обезбедат доволно квалификувани кадри, рече директорот на Одделот за проширување на ЕУ во германското Министерство за економија, Хелге Толксдорф на денешната прес-конференција во Владата.

Толксдорф и вицепремиерот Кочо Анѓушев соопштија дека е формиран Управувачкиот комитет за мекедонско-германска соработка чија цел е унапредување на трговијата и надминување на сите бирократски бариери за поголема и поинтензивна размена.

– Зголемување на индустриската соработка, повеќе македонски производи на германскиот пазар и повеќе know-how, технологии и германски инвеститори во Македонија, ќе биде приоритет на комитетот, истакна Анѓушев, нагласувајќи дека во рамки на активностите се предвидени и инфраструктурни проекти.

Како што напомена вицепремиерот, образованието секако ќе биде во фокусот со оглед дека практичното искуство и квалификуваните кадри се една од клучните слабости на македонската економија.

– Формирањето на Комитетот го чувствувам како силна поддршка од која ќе се обидеме да го извлечеме максималниот резултат, подвлече Анѓушев и дополни дека Германија во моментов е најголемиот трговски партнер на Македонија.

Досега Германија има формирано четири вакви комитети во регионот со цел, како што рече Толксдорф, поврзување на бизнисите и институциите за поголема економска соработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2018 13:05