Внатрешната контрола во рамки на градската администарција, која започна да функционира од 17 септември годинава, според првичните извештаи ги дава резултатите со подобрување на услугите за граѓаните, оценува градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов.
До вчера на службениот е-маил www.kontrola@skopje.gov.mk биле поднесени вкупно 81 барање – претставки од страна на граѓаните на Град Скопје, а по секој од нив е веднаш постапувано така што овластените лица од внатрешната контрола веднаш ги задолжиле одговорните административни службеници во рок не подолг од пет дена да постапат по предметот, истиот да го завршат и дадат повратен одговор како до странката така и до внатрешната контрола како би можело претставката да биде затворена со извештај. Во спортивност се земаат на дисциплинска одговорност. Досега, рече Шилегов на средбата со новинарите, се изречени 19 опомени кон вработени.
Најмногу од претставките се однесуваат за незавршени предмети поврзани со: ненавремено изготвување проценки и решенија за утврдување данокот на промет на недвижности, наследство и подарок и данокот на имот, ненавремено завршување на предмети поврзани со пресметка за утврдувањето на надоместокот за легализација на бесправно изградени објекти и за пресметки за плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште, предмети поврзани со користење простор пред деловни простории и ненавремена реализација на веќе изготвените решенија за сечење дрва.
Најмногу пријави од граѓани по сектори се констатирани во Секторот за планирање и уредување на просторот, Секторот за финансиски прашања, Секторот за комунални работи и во Сектор инспекторат.
По приемот на пријавите и претставките од граѓаните, внатрешна контрола веднаш го запознава засегнатиот сектор со истите и согласно своите овластувања, врши увид во списите на предметот поради правилно утврдување на причините поради кои не е постапено во конкретниот случај со насока да се преземат сите активности со цел да се отстранат недостатоците и да се постапи во интерес на странките во постапката.
Така во Секторот за планирање и уредување на просторот, Одделение за уредување на градежно земјиште извршен е попис на предмети по кои е постапувано согласно Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за кои е изготвен Заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект и кои се уште не се доставени/подигнати од подносителите на барањето за легализација. По длабинската анализа било утврдено дека за последните три години до 30 септември 2018 година се примени 20.766 предмети, од кои незавршени се 332 предмети. Ако биле решени предметите кај поединечните објекти градот би добил околу 68,9 милиони денари, а општините 45,5 милиони денари или вкупно 114,5 милиони денари. Според Шилегов, овие предмети се решени и во посташка е информирање на странките да си ги подигнат решенијата, да ивршат уплата и да ги легализираат објектите. Кај легализацијата на колективните објекти незавршени биле 32 предмети, а сумата која би ја добиле градот со општините вкупно би изнесувала 9,2 милиони денари.
Во Секторот инспекторат на Град Скопје, пак, врз основа на спроведена контрола по поднесени претставки од страна на граѓани, констатирани се повеќе неправилности во врска со работењето на одредени инспектори. При тоа против четворица вработени се преземени дисциплински мерки.
Градоначалникот Шилегов апелира до граѓаните да пријават секаков вид неправилности при постапувањето на гардската администрација на достапната меил адреса kontrola@skopje.gov.mk со цел да се подобрат услугите на градот.