Градоначaлникот Петре Шилегов, денеска присуствуваше на обновувањето на дрворедот на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, дел од големата есенска акција за зазеленување на градот.

Ги заменуваме 40 исечени и паднати дрвја со нови здрави висококвалитетни садници, односно со ист вид дрвја како што претходно имало во овој дрворед, и засадуваме 33 садници од видот јавор и 7 садници каталпа. Приоритет е обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање нови во Ѓорче Петров и на Бит-пазар. Во Скопје по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници - истакна Шилегов.

Тој додаде дека сите дрвја ќе бидат засадени внимателно, грижливо, задржувајќи се на автентичните видови какви што имало засадено на тие места.

- Земавме обврска пред граѓаните да го вратиме изгубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше каде што ќе стигне, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило. Работиме на намалување на загадувањето и подобрување на животната средина со цел да се надомести изгубеното зеленило, да се зголемат парковите и дрворедите и да ги заштитат сите јавни зелени површини во сите општини во градот. Им обезбедуваме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која директно влијае врз здравјето на граѓаните - порача Шилегов.

Есенва ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини.

Оваа акција Градот Скопје ја реализира заедно со сите скопски општини кои во неа учествуваат со свои работници, механизација и садници.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 00:27