Економски најповолна понуда ќе биде главниот критериум за избор во јавните набавки. Ова го предвидува новото законско решение за јавни набавки што веќе е во собраниска процедура, а кое ќе овозможи и поголемо учество во јавните набавки и на малите и средните претпријатија.

Во согласност со новото законско решение, при изборот на најповолниот понудувач ќе може да се избере меѓу цената, само трошокот или најдобриот сооднос помеѓу цената и квалитетот.

– Независно од тоа кој пристап се користи, при евалуација на понудите секогаш треба да се вклучи економски елемент. Со воведувањето на економски најповолната понуда како критериум за доделување на договорите, освен што се врши усогласување со директивите од 2014, се отстрануваат и повеќекратни негативни ефекти од досегашното користење на критериумот најниска цена. Сведоци сме дека послаб квалитет или трошоци за поправки ја чинат државата многу повеќе, оцени министерот за финансии Драган Тевдовски при образложувањето на законското решение во матичната собраниска Комисија.

Предлог-законот за јавните набавки се базира на начелата на слободно движење на стоките, слобода за основање, слобода за обезбедување услуги, како и начелата на економичност, ефикасност, конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност.

Новиот Закон за јавни набавки е усогласен со законодавството на Европската Унија. Тој, според министерот за финансии, ќе обезбеди рационално трошење на државните пари, слободна и фер конкуренција и транспарентност при јавните набавки.

Тој содржи решенија што ќе ги заштитат правата на работниците кои учествуваат во извршувањето на договорите за јавна набавка, како и подизведувачите. Исто така, се воведуваат одредби што се однесуваат на вклучување социјални аспекти во постапките за јавни набавки, односно резервирани договори со цел поттикнување инклузивен раст и вработување на социјално загрозените групи.

Новиот закон предвидува низа мерки што ќе ги подобрат условите и за вклучување на малите и на средните претпријатија во јавните набавки.

-Со новиот закон воведуваме низа мерки што ги подобруваат условите за вклученост на малите и на средните претпријатија во јавните набавки, бидејќи тие се сметаат за ’рбетот на економијата. Со поголема застапеност на малите и на средните претпријатија во јавните набавки, договорните органи ја прошируваат базата на потенцијални понудувачи и се зголемува конкуренцијата, посочи Тевдовски.

Со новиот Закон за јавни набавки се поедноставуваат постапките за јавни набавки со пониска вредност, преку воведување постапки за набавка, како набавка од мала вредност, електронски пазар за мали јавни набавки и поедноставена отворена постапка.

Зголемувањето на транспарентноста и ефикасноста на системот на јавните набавки, од една страна, како и воведувањето соодветни механизми на контрола, од друга страна, ќе резултира според предлагачот со поголема рационалност во трошењето на јавните средства, односно добивање најдобра вредност за потрошените јавни средства. Постигањето најдобра вредност за потрошените јавни средства треба да резултира со поголема ефикасност на буџетските расходи што се трошат на јавни набавки.

Со донесувањето на овој закон се поставуваат основите за темелна реформа во системот на јавните набавки, која ќе биде засилена со бројни подзаконски акти со кои треба да се заокружи новата правна рамка. Предлагачот смета дека самата имплементација треба да резултира со зајакната контрола, но и поедноставни постапки, кои треба да го намалат просторот за субјективно однесување на договорните органи и злоупотреби во трошењето на јавните средства, од една страна, но и со полесен и поефикасен процес на вршењето јавни набавки, од друга страна.

Новиот Закон за јавни набавки превидува и низа антикорупциски правила и правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршење на јавните набавки.

Постојниот Закон за јавните набавки е донесен во 2007 година, а почна да се применува од 1 јануари 2008 година. Истиот се базираше на Директивите за јавни набавки на Европската Унија од 2004 година, кои беа актуелни во тој период, и беше со висок степен на усогласеност. Во меѓувреме беа донесени бројни измени и дополнувања на законот што, според оцената на Европската комисија, го оддалечија од европското законодавство во оваа област. Од тие причини, смета предлагачот, се јавува потребата од потемелна и посеопфатна промена на оваа област со донесување нов закон, заснован врз гореспоменатите цели, принципи и стандарди.

Се очекува новиот Закон за јавни набавки да стапи во сила до крајот на оваа година.

Реформа во јавните набавки бараа и стопанствениците и граѓанскиот сектор, а во таа насока минатата година беше укинат Советот за јавни набавки и беше почната постапка за објавување на склучените договори од која било државна или јавна институција.

Сузи Котева Стоименова



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 10:41