Актуелниот НБА шампион, Голден Стејт Вориорс конечно успеа да победи по негативната серија од четири порази по ред.

„Жртва“ беше Портланд Трејлблезерс, кого го совладаа со 125:97. Предводник на тимот беше Кевин Дурант со 32 поени и осум скока и Клеј Томпсон со 31 кош.

Најпрецизен за Портланд беше Демијан Лилард со 23 поени и осум асистенции, додека Јусуф Нуркиќ постигна 22 поени и 8 скока.

„Воините“ со победата успеаја малку да се стабилизираат. Веќе пет натпревари се без својот најдобар играч Стеф Кари, а при поразот против Клиперс имаше конфликти меѓу Дурант и Дрејмонд Грин, што очигледно имаше влијание врз резултатите на тимот.

Лос Анџелес Лејкерс пак продолжува со добрите игри, откако вчеравечер ја совлада Јута дома со 90:83, во меч со мал број поени.

Брендон Инграм успеа да биде поефикасен од Леброн Џејмс, откако даде 24 поени, додека „кралот“ постигна два помалку, но во комбинација со 10 скокови и седум асистенции.

Резултати од НБА: Голден Стејт – Портланд 125:97 Детроит – Хјустон 116:111 по продолжение Атланта – Бостон 96:114 Њујорк – Њу Орлеанс 114:109 Торонто – Вашингтон 125:107 Филаделфија – Кливленд 112:121 Индијана – Сан Антонио 100:111 Оклахома – Шарлот 109:104 Чикаго – Мајами 96:103 Милвоки – Феникс 114:116 Денвер – Орландо 112:97 Л.А. Лејкерс – Јута 90:83.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2018 12:23