Наградата „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм на 9.Мобил филм фестивал ја доби рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова. За најинвентивен филм е награден шпанскиот „Сенки на радио на Истокот“ на Начо Ресио, за најоригинална приказна награда доби „Чевли“ на Филип Петрески, а ирачкиот филм „Аилан” на Јубраил Абубакер е награден за најдобра идеја.
Четирите филма беа наградени на синоќешното затворање на 9. Мобил филм фестивал во Кинотеката на Македонија. За наградите во четирите категории одлучи жири во состав: Весна Ристовска, режисер, Гораст Цветковски, актер, и Сашо Павловски, продуцент и режисер.
На годинашниот фестивал учествуваа тројца автори од Македонија кои добија благодарници за учество. Доријан Миловановиќ го промовираше својот филм „Танц“, Борис Таковски – „Инт.роом“, а Филип Петрески учествуваше со наградениот „Чевли“.
Наградените добија плакети, а авторот на најдобриот филм доби и стипендија за студирање на Универзитетот за аудиовизуелни уметности од Скопје.
Мобил филм фестивал во организација на продуцентската куќа „КТ филм и медиа“ и со поддршка на Град Скопје се одржуваше од 16 до 24 ноември во Кинотеката на Македонија, под мотото „Dream big, start smll“.