Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Групацијата Светска банка (ГСБ) воведуваат нова рунда истражувања на претпријатијата во повеќе од 40 земји, вклучувајќи ја и Република Македонија. Целта на истражувањето е да се добијат повратни информации од претпријатијата од приватниот сектор за состојбата на бизнис опкружувањето во секоја земја учесничка и да се искористат овие повратни информации за да се оценат можностите и ограничувањата за растот на приватниот сектор. Во секоја земја истражувањето ќе биде спроведено преку интервјуа со приватни фирми во производствениот и услужниот сектор.

Во Република Македонија прибирањето на податоците ќе ги врши Ipsos со кој е склучен и договор. Ipsos ќе ги започне интервјуата со фирми по случаен избор во ноември 2018 година. Оваа активност ќе трае до мај 2019 година, а прелиминарните резултати од истражувањето се очекуваат во втората половина од 2019 година.

Наодите од истражувањето на претпријатијата, заедно со дополнителните информации од слични истражувања во други земји учеснички, ќе претставуваат основа за аналитичка работа базирана на докази која може да утврди како да се промовираат инвестициите, продуктивноста и економскиот раст во овие земји.

Истражувањето е споредливо со други истражувања на претпријатијата од страна на Светска банка што се спроведуваат ширум светот со користење на стандардна методологија. Темите што се вклучени во прашалникот – како што се продуктивност, усвојување на технологија и иновации, конкуренција, квалификуваност на работната сила, неформалност, пристап до финансиски услуги, инфраструктура и влијание на владините регулативи – ќе бидат споредливи на глобално ниво. Истражувањето, исто така ќе содржи модул за зелена економија.

Оваа рунда на истражувања на претпријатијата ќе се спроведе во повеќе од 40 земји низ Европа, Централна Азија, Среден Исток и Северна Африка.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2018 12:25