Претставата „Орестија“ во режија на Дејан Пројковски и продукција на Хрватско народно казалиште од Сплит, ја доби највисоката награда за најдобра претстава во Хрватска.

Пројковски премиерно ја постави „Орестија“ на 64. „Сплитско лето“ во август годинава, на кое претставата ја доби главната награда за најдобро уметничко остварување „Јудита“.

Покрај Пројковски, дел од авторскиот тим на претставата се и македонскиот сценограф Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајкоски.

Доделувањето на највисоките театарски признанија – Награде хрватског глумишта од Хрватското здружение на драмски уметници се одржа во саботата во ХНК во Загреб.

Во театарската критика се истакнува дека авторскиот тим и ансамблот под водство на Дејан Пројковски со оваа силна и впечатлива претстава ја раскажаа Есхиловата трагедија, поврзувајќи го на суштинско и мисловно ниво античкото време со денешницата.

-Откривајќи ја целосно Есхиловата човечка природа полна со немири, двојба, мрачни нагони, но и желба за воспоставување хармонија, креаторите на оваа претстава создадоа дело со висока естетика, наведува критиката.

Наградата која на Пројковски по одлука на петчлено жири му беше врачена викендов во Загреб важи за највисока награда за театар во Хрватска. Се смета за едно од најважните и најреномирани признанија во целиот регион, а хрватските медиуми ја најавуваат како Театарски оскар.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2018 20:35