Информација за потребата од склучување договор за грант во износ од 70 милиони евра за изградба и реконструција на втората делница од пругата кон Бугарија на потегот Бељаковце – Крива Паланка е усвоена на денешната седница на Владата.

Договорот ќе биде склучен меѓу Министерството за финансии на РМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), соопшти владината прес-служба.

За втората фаза од пругата на источниот дел од Коридорот 8, се обезбедени 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра грант од ЕБОР, а останатите се заем.

Министерот за транспорт Горан Сугарески неодамна најави деблокирање на изградбата на првата делница од пругата кон Бугарија на потегот од Куманово до Бељаковце, за што ќе се потпише анекс на Договорот за изградба, како и повторен тендер, избор на изведувач и старт на градежни работи за втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка.

Првата фаза од пругата, од која се изградени само осум километри, се очекува да биде готова за 16 месеци, а втората фаза би завршила до 2021 година. За третата делница од Крива Паланка до Деве Баир се преговара за средства со меѓународни финансиски институции.

На владината седница е усвоена и информација за ревидирање на Единствената листа на проекти на која меѓу четирите приоритетни се инфраструктурните зафати за реконструкција на патната делница Крива Паланка – Деве Баир на Коридор 8, за изградба на граничниот премин Табановце и на автопатската делница Скопје – Блаце, како и за гасоводна интерконекција со Грција.

Владиниот Секретаријатот за европски прашања добил задолжение да ја достави Единствената листа на проекти до утре до Европска комисија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/11/2018 22:24