Во Собранието од денеска почнува расправата по Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година, кој е на дневен ред во матичната Комисија за финансирање и буџет.

Вкупните приходи во државната каса, според предлогот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

Во буџетот се предвидени пари за повисоки плати во здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита и пензискиот систем, како и средства за воведување „зелена нафта“ во земјоделството.

Со Предлог-буџетот предвидени се повисоки плати за 10 проценти за лекарите специјалисти од јануари следната година и 5 проценти за сите здравствеи работници. Зголемување на платите за пет проценти од септември догодина предвидени се и за просветните работници. Пет проценти повисока септемвриска плата се очекува да земат и вработените во администрацијата, но во Предлог-буџетот за 2019 година не се предвидени пари за исплата на К-15 во јавниот сектор.

Според проекциите на Министерството за финансии, за плати и придонеси во јавната администрација предвидени се 28,3 милијарди денари, а за пензии 56,4 милијарди денари. Од Буџетот во Фондот за ПИОМ ќе се трансферираат 28,1 милијарди денари.

Дополнителни 2,2 милијарди денари се планирани за реформираниот систем за социјална и детска заштита, а се планира и воведување на социјална пензија за околу 6.000 лица кои имаат барем еден работен ден стаж и наполнети 65 години.

Капиталните инвестиции се проектирани на 25,7 милијарди денари, а министерот за финансии очекува дека следната година ќе се забрза реализацијата на овие проекти.

Буџетот, според оценката на премиерот Зоран Заев, е во функција на одржливост на четирите столбови и тоа за политиките за вработување и за социјална сигурност, за поддршка на домашната економија, за забрзување на реализацијата на инфраструктурните проекти и интезивирани процеси за евроинтеграцијата.

– Пред нас е економска година во која парите на народот уште повеќе ќе одат во проекти за поддршка на граѓаните од сите категории, особено најранливите. Промовиравме ново, праведно оданочување, реформа на пензискиот систем и зголемување на социјалната благостојба. Со буџетските промени за 2019 најавуваме пресвртница во економските политики. Силниот фокус на евроатлантските интеграции го зајакнуваме со Буџет за растечка економија, за социјална оправедност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите, рече премиерот Заев при претставувањето на предлогот заедно со министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој оцени дека Буџетот наредната година ќе направи сериозно придвижување на реализација на капиталните инвестиции, особено во проекцијата за социјалната сигурност, праведност и солидарност, за јавната админситрација, како и за поддршката на евроатланските интеграции.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека за капитални проекти се предвидени 26 милијарди денари и се очекува поголема реализација на проектите, за евроинтеграциите се проектирани 8,3 милијарди денари во Министерството за одбрана, 30 милијарди денари за здравството, Посочи на сериозна поддршка за земјоделското производство, за субвенции за што се предвидени 8,4 милијарди денари, а 512 милиони за рамномерен регионален развој, повеќе средства зас 37 проценти за поддршка на економијата…



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 09:28