Подобрување на конкурентноста на регионот преку хармонизација на инвестициските политики на економиите на шесте земји на Западен Балкан со стандардите на ЕУ и најдобрите меѓународни практики, зацврстување на јавно - приватниот дијалог, како и вклучување на сите релевантни фактори во процесот на донесување на одлуки се дел од заклучоците на првиот форум на високо ниво на тема: Инвестициските политики во фокус на РИРА агендата за Западен Балкан, во насока на успешна имплементација на Регионалната инвестициска реформска Агенда за Западен Балкан. Цел на Регионалната инвестициска агенда за Западен Балкан е хармонизација на инвестиционите политики со стандардите на Европската унија и најдобрите меѓународни практики во рамките на Стратегијата за Југоисточна Европа 2020, ЦЕФТА Договорот и процесите за пристапување кон ЕУ .

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска истакна дека Сојузот е активно вклучен во процесите за спроведување на структурните економски реформи во земјата, а во таа насока и РИРА агендата треба да донесе видливи економски резултати во блиска иднина.

„Подобрување на атрактивноста на регионот за инвеститорите и зајакнување на врските меѓу земјите на Западен Балкан, креирање нови работни места, привлекување нови странски директни инвестиции кои ќе донесат трансфер на знаења и на технологија, зголемување на директната поддршка на претприемништвото и иновациите би биле резултатите од успешно спроведената РИРА агенда која е заклучок од иницијативата на Берлинскиот процес, поврзана со идните проширувања на Европската Унија.

Она што е меѓу приоритетите за создавање добар деловен амбиент е одстранување на бариерите во трговијата, редуцирање на трошоците на компаниите, поедноставување на процедурите за водење бизнис, овозможување раст на извозот, а сето тоа во услови на стабилност и владеење на правото како предуслови за зголемување на конкурентноста на регионот на Западен Балкан. Вклучувањето на сите релевантни страни е најдобриот и единствениот начин кој произведува добри реформи за економски развој и затоа е потребно е да ги вложиме сите напори за спојување на институционалното влијание со практичното искуство“, изјави Арсовска и додаде дека сево ова предвидено е да се постигне во неоколку фази за да се постигне заедничко разбирање и соработка меѓу 6. земји на Западен Балкан, во врска со формулирањето и спроведувањето на реформската агенда.

Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС) и поранешен министер за надворешни работи на СР Југославија истакна дека успешо спроведување на РИРА агендата е шанса Западен Балкан да биде дел од ЕУ.

„Секоја економија не треба да биде меѓу себе конкуренција, туку потребен е интегриран пристап кон инвестиротите. Настапувајќи како единствен пазар можностите за привлекување големи и сериозни инвеститори се поголеми. Имплементирање на РИРА агендата е подготовка за влез на големиот европски пазар “, изјави Свилановиќ.

Професорот Вачно Узунов, рече дека треба да размисулваме долгорочно, бидејќи досегашниот начин на привлекување странски инвеститори нема иднина и додаде дека инвеститорите се присутни се додека државата финансиски ги стимулира.

Официјално обраќање на Форумот имаше Марија Ристеска, извршен директор на Центарот за истражување и креирање политики која истакна дека сите страни во процесот треба да соработуваат со цел унапредување на инвестиционата политика и создавање на можности за зголемување на конкурентноста на македонските компании.

Форумот е во организација на Центарот за истражување и креирање политики во соработка со Сојузот на стопански комори на Македонија во рамки на регионалниот проект на РИРА агендата „Воспоставување дијалог за Регионалната инвестициска агенда меѓу владините институции, приватниот сектор и граѓанските организации“ , кој се спроведува во 6-те земји од Западен Балкан.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 11:51