Во текот на овој месец инспекторите од општина Аеродром изрекле 19 парични казни во висина од 50 евра во денарска противвредност за фрлање ѓубре на јавна површина, како и за изложување земјоделски производи на јавна површина. Исто така, имале и три интервенции за палење оган на јавна површина, од кои една во Долно Лисиче и две на улицата „Граврил Константиновиќ“ во населбата Лисиче. За палење оган се изречени и повеќе од 15 опомени.
Како што информираат од општина Аеродром, инспекциските служби во текот на ноември извршиле и мерење бучава на две локации, од кои на едно место е изречена и парична казна за надминување на дозволената граница на бучава.
Овој месец биле исконтролирани сите градилишта на територијата на општината и им се изречени опомени да не ги напуштаат градилиштата со валкани тркала.
Инспекциската служба на Општина Аеродром од 1 ноември работи со продолжено работното време до 22:00 часот секој работен ден. Инспекторите работат во две смени и вршат секојдневни контроли на целата територија на општината од областа на животната средина, загадувањето на воздухот, несовесно фрлање шут и отпад и други нерегуларности.
Службите се дежурни и во викендите, а граѓаните своите забелешки можат да ги пријават на дежурниот телефонски број 075/316-515.