Предлог-буџетот за 2019 година од денеска е на расправа пред матичната Комисија за финансирање и буџет, која според Деловникот може да трае 10 работни денови. Предлогот пред членовите го образложи министерот за финансии Драган Тевдовски.

Вкупните приходи во државната каса, според предлогот за 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 3,2 проценти, а стапката на инфлација на 2 проценти. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.

Министерот потенцира дека Предлог-Буџетот на Република Македонија за 2019 година е најдобра потврда дека Владата продолжува посветено да работи на постигнувањето на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.

Тој додаде дека буџетот ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, односно проектите и мерките за постигнување повисок економски раст, подобар живот за граѓаните и повисоко ниво на социјална правда, но и определбата на Владата за ефикасно и домаќинско управување со народните пари.

Вкупните расходи во Буџетот за 2019 година, планирани во износ од 228,5 милијарди денари, како што рече министерот, се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, поддршка на домашната економија, забрзување на инфраструктурните проекти, како и интензивирање на интеграциоските процеси за ЕУ и НАТО.

За тековните расходи се планирани во износ од 202,4 милијарди денари, наменети за редовна исплата на платите на вработените во јавниот сектор и нивно зголемување во последниот квартал од 2019 година за 5 отсто, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенциите во земјоделството, како и засилена поддршка на малите и средните претпријатија.

Пред членовите на Комисијата одделно образложение за делот на Народниот правобранител даде и правобранителот Иџет Мемети кој рече дека оваа институција наредната година со предвиденито буџет ќе може подобро да ги извршува своите активности.

Во претпладневниот дел од расправата по Предлогот се вклучи Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ која оцени дека предлогот е мегаломански и најголем досега, неразвоен со популистички мерки.

– Втора година по ред ја водите државата и секоја година ги влошувте економските услови. Ги имавте најкатастрофалните економски политики во време кога Европа имаше стапки на раст, рече Кузмановска која порача на власта да преиспита како ја води државата и еконмомските политики.

Осврнувајќи се на предлогот рече капиталните инвестиции иако се зголемуваат согласно слабата реализација нема да се реализираат и во 2019 година, намалување ќе има кај проектите за водснабдување, за културата, за гасификацијата е повисока но според темпото на работа нема да се исполни, намалување на средствата има во делот на животната средина, помалку средства за студентскиот стандард…

-За да може да се има целосна реализаицја на капитални инвестиции и да не биде само голо препукување меѓу партиите мислам дека е потребно заедничко вклучување. Да се направат приоритети за да не биде само популистичко читање овде, а ние како опозиција да критикуваме и на првиот ребаланс да не биде ништо остварено. Совет е да се направат приоритети тие што се први и важни заеднички да се изработат тие програми и да се држиме на тие решенија, а не дијапазаон на многу поекти а ништо да не е реализира, рече Кузмановска и порача дека на власт треба да се работи.

Потенцира дека граѓаните треба да знаат дека во буџетот наредната година се зголемуваат приходите со зголемени даноци, акцизи и придонеси при што се намалуваат субвенциите во земјоделството.

– Лесно ви е за собирање на приходите, но како ќе ги реализирате и дали знаете институционално да ги реализирате, рече Кузмановска и оцени дека буџетот се полни и оти нема потреба од прогресивно оданочувње, за што според неа, Македонија како држава и нејзината економија не се подготвени за прогресивно оданочување.

Забележа и на ново здолжување од 400 милиони евра со обврзница и најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани во делот на железницата, патната инфраструктура и училиштата.

Во реплика Тевдовски посочи дека во сите земји во номинален износ буџетот расте, како што расте и нашиот буџет. – Во Албанија, Полска, Србија во која било земја која остварувала економски развој и буџетото растел, така е и со Македонија. Единствена земја каде во номинален износ се намалувал буџетот е Грција бидејќи таму се крателе плати и пензии што е најнепосакувано сценарио, рече министерот.

Посочи дека проекцијата за растот е блиску до оние на ММФ и СБ и оти е пониска од онаа на НБРМ.

За праведното оданочување потенцира дека тоа ќе обезбеди дополнителни приходи и ќе овозможи повеќе средства за социјалните трансфери, а во однос на земјоделските субвенции рече дека тие се планирани на 8,39 милијарди денари и се повисоки во однос на исплатените од претходната влада во 2010 од 4,7 милијарди, во 2011 од 3,8 милијарди денари…

Расправата во Комисијата ќе продолжи по едночасовна пауза.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 13:44