Најголемите огласувачи во Македонија во своите адвертајзинг буџети за наредната година да го зголемат делот предвиден за огласување преку домашните веб портали, бара Борис Ефтимовсаки, претседателот на ИАБ Македонија, која е дел од интернационалната мрежа IAB Worldwide со седиште во Њујорк, која преставува најголема глобална мрежа што ги обединува медиумите, маркетинг агенциите и огласувачите со цел развој на онлајн огласувањето.

– Очекуваме од домашните компании и медиски агенции во своите буџети за наредната 2019 година да издвојат поголем дел за дигиталните издавачи и македонски веб портали, пропорционално на импактот кој тие го имаат во секојневието на македонските граѓани, вели во пишана изјава Ефтимовски.

Неверојатно, како што дополнува, звучи податокот дека третата најголема национална телевизија има поголеми приходи од водечките 30 македонски веб портали заедно. – Овој сооднос помеѓу огласувањето на двата водечки канали, телевизијата и интернетот, е неприфатлив и целосно не одговара на улогата која веб порталите ја имаат во општеството во делот на информирање, едукација, забава и во севкупното поминато време на медиско конзумирање“.

Ефтимовски смета дека огласувачите треба дополнително да го поддржат развојот на квалитетните веб портали во Македонија и процесот на само-регулација, преку поголема застапеност на веб медиумите кои го прифаќаат Етичкиот Кодекс на ИАБ во нивните медиски планови.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 14:29