Регионот сам и испраќа сигнал на Европката унија дека не е за таму каде што тргнал. Ова што се случува сега со Косово, Србија и Босна е катастрофа. ЦЕФТА договорот е мртов, тоа само треба да се констатира. Наместо да ја интензивираме размената со соседите, остваруваме суфицит со земји како Германија, рече денеска претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

По средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Азески, одговорајќи на новинарски прашања, изјави дека Македонија мора да се стреми кон уште поголема соработка и размена со соседите и да гради сериозен пристап кога се во прашање индустријата, извозот и образованието на кадарот согласно потребите на пазарот.

Според Азески, фокусот на економијата идната година треба да се стави и врз општините кои, како што истакна, имаат многу ниска инвестициска активност, но и врз малата искористеност на капиталните инвестиции, како и на општата потрошувачка која е многу слаба.

– Очекувам сериозен пристап со кој актуелната Влада ќе мора да се фати во костец. Ако се организира на подобар начин, ќе можеме да испорачаме резултати. Со лоцирањето на проблемите кои доведуват до ваква ситуација, отворен е патот да се разрешуават, но ако се има упорност во нивната имплементација и ако се пристапи сериозно. Загрижува ЦЕФТА договорот кој паѓа. Секој ден имаме кршење на неговите одредби. Ако претставуваше предворје на ЕУ преку кое се подготвуваме да влеземе на 28-члениот пазар, не успеавме да го поминеме тестот на шестчлен пазар на Балканот. Осум отсто бележиме пад во разменета изминатиот период, тоа е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Тоа треба само да се констатира, потенцира Азески.

Размената идната година со Германија ќе достигне над четири милијарди, а со првиот наш сосед имаме 300 милиони размена.

– Со ова се сум ви кажал. Ние треба да се стремиме кон размена со петте соседи што ги имаме. Тоа го немаме и треба да го работиме наредниот период. Права трагедија е што тоа ни доаѓа сервирано од ЕУ и од Германија, тие не поттикнуваат повеќе од она што ние правиме на тој план, нагласи Азески.

Тој на Мицкоски му ги изложил заложбите на Комората и побарал поддршка за иверзификација на извозот и реиндустријализација.

– Комората сака да гради мостови меѓу опозицијата и позицијата за економските прашања. Прашањата кои се од државен интерес треба да имаат приоритет над политиката, рече Азески.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ напомена дека неговата партија секогаш била и ќе остане партнер на стопанските комори во Македонија. Јасно ја искажа и поддршката за барањата на стопанството. Упати и критики до власта, констатирајќи дека изминатата година и пол не е исполнето ништо од планот за „живот“ на Заев и СДСМ. Се зголемија даноците и акцизите на нафтата и нафтените деривати, а неколкукратно е зголемено и иселувањето на граѓаните.

– Економијата оди надоле, граѓаните се се посиромашни и понезадоволни. Голем дел се одлучуваат да ја напуштат државата трајно или привремено. Власта го напушти и пристапот на привлекување странски инвестиции, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, дополни, има визија за македонската економија и конретна методологија, базирана на анализи и бројки. Се залага за привлекување инвестиции, но и на домашни и на странски, за стимулирање истражувачки центри и креирање, како што напомена, вистински центар за иновации.

Ова е втора средба на Мицкоски со Азески годинава, по првата одржана на 1 март.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 15:38