Во насока на спроведување редовни консултации со најголемите политички партии во Република Македонија, претставници на раководството на Стопанската комора на Македонија остварија работна средба со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од претседателот проф. д-р Христијан Мицкоски. При првата заедничка средба меѓу двете раководства, реализирана на 1 март оваа година, беше заеднички констатирано дека ќе се интензивира дискусијата за сите отворени економски прашања, преку одржување почести средби, со цел да се обезбеди поддршка за решенијата кои се значајни за потребите и интересите на бизнис-заедницата, без оглед на тековните политички случувања.

Во оваа прилика се разговараше за стратешката определба на Комората извозната диверзификација и модерната реиндустријализација да бидат фундаментални процеси во забрзување на растот на македонската економија, која беше презентирана на Научната конференција организирана од страна на МАНУ, НБРМ, Владата на РМ и Стопанската комора на Македонија на 4 и 5 октомври 2018 година во Охрид. Од исклучителна важност за успешност на овој процес е што кон истиот се приклучува и ВМРО-ДПМНЕ, со што е постигнат консензус дека е неминовна потребата да се изврши преструктурирање на индустриската политика преку пренасочување на ресурсите од индустриските дејности со пониска додадена вредност, кон сектори и производи кои имаат повисока додадена вредност и продуктивност, со цел подобрување на индустриските перформанси на целокупната економија и зголемување на извозната конкурентност. Воедно, неопходно е спроведување на економски политики кои ќе го поттикнат процесот на модерна реиндустријализација (зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП) и ќе го забрзаат процесот на извозна диверзификација (преку зголемување на бројот на извозни производи кои имаат повисок степен на финализација во рамките на глобалните синџири на снабдување), со што овие структурни промени во самата економија ќе генерираат високи и одржливи стапки на економски раст.

Христијан Мицкоски пак по денешната средба со Стопанската комора ги истакна економските проекти на партијата кои ќе бидат главни приоритети на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ. Рамниот данок и намалување на акцизата за дизел гориво која беше зголемена на почетокот на годинава ќе бидат носечките економски проекти на ВМРО-ДПМНЕ.

„Новата Влада која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ покрај онаа константа, покрај онаа поддршка која ќе ја добиваат македонските компании, македонските бизнисмени ќе се обидеме да донесеме повторно пристап кон странските инвеститори, но со мотивирање на формирање на развојни истражувачки центри во Македонија, односно квалитетни инвестиции кои имаат многу поголема додадена вредност“, истакна Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 15:46