Македонското музичко трио „Интерарт“ во состав Емилија Ристевска – Стефановска, флејта, Александар Стефановски, флејта и Татјана Божиновска, пијано, одржа концерти во Палата Периера во главниот град на Малта, Валета и во Англиканската катедрала во градот Слима.

Од Сојузот на композиторите на Македонија информираа дека концертите биле организирани од нивна страна во соработка со ЕПТА – Малта, Mediterannean Events и Руско-малтешкиот културен центар. Уметниците настапиле со изведба на дела од Д. Шостакович, Ф. Доплер, И. Кларк, како и со „Анданте“ од македонскиот композитор Сони Петровски, претставувајќи се во одлично светло пред странската пубика.

Триото „Интерарт“ е добитник на престижната прва награда „Диплома на честа“ на „Tornero Internazionale di Musica“ на натпреварот во Париз (Франција) во 2006 година, по што добило покана да настапи во Рим заедно со уште шест состави – лауреати на камерни натпревари од целиот свет.

Триото е формирано во 1997 година во Германија, каде македонските флејтисти Александар Стефановски и Емилија Ристевска – Стефановска, заедно со јапонската пијанистка Макико Хирата, настапиле со рецитал во Алтенбург, по што следеле и два концерта во Македонија. Сегашната формација на „Интерарт“ досега настапи на повеќе значајни концертни подиуми и фестивали во Македонија, а сите членови се докажани солисти кои имаат настапувано со рецитали во Македонија и надвор од неа, како и со Македонската филхармонија. Во нивната биографија се забележани настапи во Франција, Италија, Германија, Грција, Хрватска, Норвешка, Турција, САД… Во 2010 година, триото „Интерарт“ го сними своето трето ЦД, наведуваат од Сојузот на композиторите на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/11/2018 17:01