Американската стопанска комора (АмЧам) смета дека не е не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход и реагира на непочитување на процесот на јавна консултација од страна на Владата и Министерството за Финансии во однос на Предлог-Законот за личен доход објавен на 3 ноември преку Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) без притоа да се испочитува рокот за забелешки и коментари што завршува денеска.
– Законот е веќе ставен во собраниска процедура на 26 ноември на пленарна седница бр. 66 по скратена постапка со што воедно се скратува правото на заинтересираните страни да го изложат јавно своето мислење пред пратениците во Собранието. Сметаме дека со оваа постапка Владата ја продолжува штетната пракса на користење скратена постапка при носење на важни закони кои имаат огромно влијание врз економијата во Македонија, нешто што беше одлика на минатата гарнитура, без притоа да се почитува јавното мислење и ставовите на бизнис заедницата. Со ваквото постапување на надлежните институции се нарушува партнерскиот однос меѓу приватниот и јавниот сектор, наведуваат во соопштение од Американската стопанска комора.
Американската стопанска комора смета дека прогресивното оданочување нема да го постигне посакуваниот ефект на подобрување на социјалната еднаквост, а ќе доведе до намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на висококвалификувани кадри. Сметаат дека предложениот закон ќе ја намали даночната послушност и ќе ја зголеми сивата економија, при тоа ќе доведе до зголемена даночна евазија, отежнато прибирање на даноците, и зголемување на трошоците и комплексноста на прибирање даноци. Воедно сметаме дека предложениот закон ќе има негативен ефект врз растот и развојот на македонската економија, одлив на капитал и намалени инвестиции, одлив на мозоци и дестимулација на иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и се двигатели на економијата.
– АмЧам како и останатите бизнис асоцијации смета дека ова не е погоден момент за воведување на прогресивно оданочување на личниот доход, особено не со предложениот Закон кој е во собраниска процедура и не на начинот на кој се форсира предлог законот со користење скратена постапка. Поради тоа бараме одложување на реформата за прогесивното одданочување, отварање широка јавна дискусија и дебата, како и вклучување на експертизата на претставници од бизнис секторот во рамки на работните групи при подготовка на сеопфатна даночна стратегија и реформа што во исто време ќе придонесе кон зголемување на бројот на даночните обврзници, подобрено собирање на даноците, правична распределба на средствата и зголемена социјална еднаквост без негативно да влијае врз севкупната економија и нејзиниот раст, наведуваат во соопштението.