Шеснаесеттиот Министерски совет на Енергетската заедница, чиј актуелен претседавач е Република Македонија, ќе се одржи денеска во Скопје.

Со Советот ќе претседаваат македонскиот министер за економија Крешник Бектеши и директорката за енергетска политика во Европската Комисија Меган Ричардс. Воведни говори ќе одржат премиерот Зоран Заев, и заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев.

Енергетската Заедница е меѓународна организација која ги обединува Европската Унија и нејзините соседи за да создаде интегриран и одржлив паневропски енергетски пазар.

Шеснаесеттиот Министерски совет на Енергетската заедница, во рамките на македонското претседателство, ќе ги собере министрите одговорни за енергетика на деветте договорни страни од Договорот за Енергетска заедница (Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Република Македонија, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина) и Европската Унија.

По завршување на состанокот, прес-конференција ќе одржат Анѓушев, Бектеши, Ричардс и Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 11:33