Светска банка дава позитивна оценка за реформите на системите за социјална и детска заштита, предложени од Министерството за труд и социјална политика, со кои се очекува трајно да се намали сиромаштијата во Македонија и да се обезбедат еднакви услови за раст и развој за секое дете.

Во извештајот, како што соопшти МТСП, се препорачува и поддржува трансформација на програмата за родителски додаток за трето дете која е најмалку ефикасна, а троши најмногу средства од сите програми за социјална помош.

Се поддржува проширување на опфатот на сиромашните, со добро таргетирање преку нова шема за ГМП, со што би се понудила сеопфатна мрежа за социјална заштита за сиромашните, без разлика на нивниот статус на пазарот на трудот или на нивната возраст, се наведува во соопштението.

– Владата е свесна за недоследностите во системот за социјална помош и е посветена на спроведувањето сеопфатни реформи. Главната цел на реформите во системот за социјална заштита би требало да биде зголемување на ефективноста и ефикасноста на системот, преку реформи како на таргетираните така и на категориските социјални надоместоци, е наведено во последниот извештај на СБ, во кој се анализира постојниот систем за социјална и детска заштита и предложените реформи од МТСП.

Во однос на постојниот систем, во извештајот се истакнува дека програмите за намалување на сиромаштијата се најниски од регионот. Исто така, паричните трансфери што се доделуваат врз основа на законите за социјална заштита и за детска заштита, се во износ од 1,2 проценти од БДП, што е меѓу најниските во регионот и под просечното ниво на расходи за социјална заштита во земјите од Европа и Централна Азија.

Понатаму, се објаснува дека иако расходите за социјална помош од 2008 година наваму се во пораст, најголем дел од растот е резултат на категориските, а не на добро таргетираните права. Програмите за социјална заштита покриваат само една третина од насиромашниот квинтил, а овој резултат е уште позагрижувачки ако се земе предвид дека најдолниот квинтил го опфаќа најсиромашното население.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 12:26