Интерактивен клас со светски познатиот перкусионист Рани Крија се одржа денеска во концертната сала на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”. Од Музичко – балетскиот училишен центар информираа дека тој презентирал серија ритми од латиноамериканската и африканската музичка традиција, свирел и објаснувал техники на свирење и независност на екстремитети, како и употреба на ритмите во модерната музика.

Присутни биле ученици од сите оддели, без разлика на инструментот кој го свират или пак се од балетскиот оддел. Заедно со него на сцената застанале повеќе ученици кои имале ретка можност да свират со ваков музичар. Освен ученици и наставници од Скопје, специјално за овој настан дошле ученици од музичките училишта од Штип и од Тетово, како и студенти и професори од факултетите за музичка уметност.

Браќата Тавитјан со чие несебично залагање се одржал овој настан се заблагодариле на училиштето во кое го стекнале своето музичко образование и ветиле дека заедно со директорот на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”, Јован Бицевски ќе продолжат и натаму да организираат вакви настани со големи имиња од светската музичка сцена.

На крајот од предавањето, Рани не можел да одолее на македонскиот тапан и заедно со наставник од ДМБУЦ отсвиреле некои македонски ритмови.

Крија е роден во Есаира, Мароко. Тој израснал во родниот крај слушајќи и изучувајќи ги музичките стилови на Северна Африка, кои се и основа на неговото понатамошно музицирање. Неговите почетоци се врзани со најреномираните имиња на Мароканската музичка сцена, каде бргу станал многу почитуван и еден од најбараните перкусионисти. Веќе тогаш станува познат по својата автентична изведба на Андалузиски, Арапски, Африкански и Латиноамерикански ритми и стилови.

Подоцна Рани заминува за Франција каде живее и работи како перкусионист одреден период за потоа да се пресели во Келн, каде се уште живее. Оттаму почнува неговиот пат кон интернационалната слава.

Во својата богата кариера настапил со голем број интернационални уметници, како и со некои од најголемите светски музички ѕвезди. Најзначаен период во неговата кариера се ангажманите во бендот на Стинг, Питер Габриел, Ени Ленокс, Ал Ди Меола, Пласидо Доминго, Шон Пол…

Во 2003 на повик од Стинг, го снимил целиот албум со наслов „Sacred Love“, како и на хитот „Desert rose“. По овој материјал тој станал перманентен член на бендот со кој Стинг реализирал неколку светски турнеи. Исто така соработува со светски и европски џез артисти како Дон Бајрон, Салиф Кеита, Ксавиер Наиду, Вини Калијута, Доминик Милер, Сара Конор, Омар Соса, Момо Xендер, Еда Зари, Кезаја Xоунс и многу други.

Во 2008 година почнал да соработува со браќата Тавитјан како гостин на нивниот концерт во Универзална сала. Повторно гостува во Македонија на концертот на Тавитјан со проектот „Македонско срце“ на градскиот стадион во Скопје по повод ден на независноста во 2012 година. Тоа е воедно и негов прв контакт со балканската музика. Со над 10.000 реализирани настапи, Рани Крија важи за еден од најдобрите перкусионисти во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 17:03