Во просториите на Град Скопје денеска беа презентирани физибилити студијата и идејниот проект за изградба на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата со булеварот Словенија до обиколницата. На презентацијата присуствуваше и градоначалникот Шилегов, како и претставници на засегнатите стопански субјекти од индустриската зона во Визбегово, што се наоѓаат по должината на трасата, коишто се вклучија во дискусијата.

Булеварот Никола Карев во овој дел е предвиден како транзитна магистрала. Во идејниот проект се нудат три варијанти за негова изведба. Во варијантата што е оценета како најповолна за изведба поради најмалите инвестициски трошоци, времето на реализација и поради тоа што не се урива железничкиот натпатник, се предвидува булеварот Никола Карев да има 4 сообраќајни ленти (по две ленти во насока), средишно зеленило, пешачки и велосипедски патеки и осветлување на должина од речиси 4 километри, како и кружен тек пред приклучувањето кон обиколницата.

При реализација на овој проект, по должината на предвидената траса ќе има потреба и од експропријација на земјиштето.

Физибилити студијата и идејниот проект се изготвуваа врз основа на важечката планска документација – ГУП 2012 – 2022 година и важечките ДУП-ови од неколку околни општини. Тие имаат за цел да ги согледаат сообраќајните и техничките можности за изведба на ова инфраструктурно решение, како и потребите на граѓаните. Нарачател на физибилити студијата и идејниот проект за изградба на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата со булеварот Словенија до обиколницата е Град Скопје, а ги изработи компанијата ГЕИНГ Кребс унд Кифер.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 19:07