Медијаторство на Владата меѓу ЕВН и граѓаните кои имаат стари долгови за струја заклучно со 2006 година најави попладнево премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања.

Решението за овој проблем, како што рече тој, ќе биде по примерот на Хрватска и на други земји да се бришат долгови, но посочи, дека тоа ќе биде принципиелно без да мотивира нови долгови.

-Правниците работат, анализите се направени, севкупните долгови сите и старите и новите што ги имаат граѓаните се по некоја проценка околу 440 милиони евра, тоа се огромни пари. Секако начините на кои ќе работиме е прво на компензациски систем, рече Заев.

Како пример посочи јавни претпријатија што имаат сериозни побарувања од државата, а истовремено, како што рече, сите тие јавни претпријатија имаат и дополнително постапки кон граѓаните.

-Зборувам за комунални претпријатија за вода, за смет, за канализација …, така да делот на електричната енергија и комуналните услуги кои се испорачуваат се сериозен трошок и долг кои граѓаните го имаат. Се прават анализите колку е тоа возможно некогаш тие или нивните деца да го платат, најголем дел решенијата не водат Владата да изнајде начини, и механизми, и финансии на тие наши сограѓани да им помогнеме. Ние веруваме дека на тој начин парите се враќаат повторно во економијата, еден дел се враќа дури и во Буџетот, но се симнуваат проблеми надвиснати над граѓаните посебно на оние кои се исклучително сиромашни, рече премиерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/11/2018 19:46