Во Кинотеката на Македонија од 3 до 7 декември ќе се одржи Неделата на современиот израелски филм под мотото „Меморијата е креација“.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов потсетува дека кога славниот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес (1927-2014), заради болеста започнал да го губи помнењето, неговите почитувачи со горчина се сеќаваа на максимата што го обележа творештвото на овој автор: „Меморијата е креација“ („La memoria es una creación“), а ако за некој народ важи предубедувањето дека ја негува меморијата за сопственото постоење, тогаш тоа сигурно е еврејскиот народ и дури и еден инстант преглед низ најпознатите филмски наслови на автори од еврејско потекло го потврдуваат тоа.

-Инспирацијата ќе ја најдеме секаде и во секое време, но меморирањето на дестилираните теми и идеи, вообличени во повеќе или помалку личен авторски ракопис е токму онаа креација по која трагаат творците. Во годината кога државата Израел слави 70 години од постоењето, таа креација во нејзината кинематографија не случајно се потпира на меморијата. Безбројните наслаги на колективното несвесно низ историјата и митовите на еврејскиот народ и личниот поглед на креаторот како ангажман се потребните состојки на оној амалгам што го посакува секоја култура, наведува Синадинов.

На програмата се четири играни филма и два документарни продуцирани во изминатите четири години. Програмата в понеделник ја отвора играниот филм „Врвки“(2018) на режисерот Јаков Голдвасер. Следат „Нула мотивација“ од 2014 на Талија Лави, „Спасувајќи го Нета“ на Нир Бергман од 2016 и „Слаткарот“ на режисерот Офир Раул Грејзер од 2017 израелско-германска продукција. Неделата на современ израелски филм завршува в петок со приокажување на документарците „На мапата“ на Дани Менкин израелско-американска копродукција од 2016 година и „Сирискиот пациент“ од 2017 во режија на Рахели Шварц.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 10:39