Министерството за култура кое е задолжено за обезбедување достојни професионални услови за работа на уметниците во земјава и на другите субјекти кои придонесуваат за квалитетот на културните дејности во земјава, преку пишано соопштение изразува жалење што сѐ уште не се создадени услови за потпишување нов колективен договор со кој ќе се надминат наталожените долгогодишни проблеми во оваа област.

Како што истакна министерот за култура Асаф Адеми на прес-конференцијата за буџетот, негов главен приоритет останува новиот Закон за јавен интерес во културата, со чие усвојување во Собранието на РМ, и по усвојувањето на новиот Закон за јавна администрација, ќе се создадат услови за потпишување на колективниот договор во културата. Средствата потребни за остварување на овој договор, пак, дополнително ќе бидат обезбедени по спроведените анализи од страна на стручните служби на Министерството за култура и претставниците на репрезентативен синдикат, соопштија од Министерството.

Работната група при Министерството за култура во која членуваат претставници на синдикатите активно работи на правична валоризација на трудот на вработените во културата. Министерот за култура Адеми ја поддржува иницијативата на Синдикатот на културата на Република Македонија, кој преку амандман поднесен од претставници во Собранието на РМ бара средствата за нивелација на платите да бидат изгласани и вметнати во буџетот за 2019 година, стои во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 10:53