Регионалната академија за сајбер безбендост во Скопје ќе придонесе за јакнење на капацитетите на администрацијата, истакнал министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски при учеството на конференцијата Freedom Online, што се одржува во Берлин, на која беше говорник на панел сесијата на тема „Безбедност и човекови права“.
Манчевски, како што соопшти МИОА, се осврнал на неопходноста од обезбедувањето на баланс помеѓу сајбер безбедноста од една страна, и заштитата на човековите права од друга.
– Со цел да ги разбереме предизвиците во однос на безбедноста и човековите права, прво треба да го разбереме контекстот на дигиталната ера. Анонимноста овозможена од комуникациската мрежа им овозможува на корисниците да ги изразат своите мислења и верувања ослободени од било какви оптоварувања. Сепак, не секој поединец во дигиталната заедница дејствува без скриени, а понекогаш и лоши намери. Оттука, често ги гледаме злонамерните корисници што шират нелегална пропаганда, навредлива содржина, виртуелна дискриминација и други форми на виртуелна злоупотреба. Овие активности можат да бидат подеднакво, ако не и повеќе опасни за безбедноста на нашите граѓани и државата, рекол министерот Манчевски.
Тоа, дополнил, претставува обврска на владите да постапуваат соодветно. Со цел да се осигури безбедноста на граѓаните во сајбер просторот, се воведуваат нови мерки за одбрана и безбедност. Понекогаш овие механизми се во конфликт со принципите на човековите права. Неизбежно е да постои компромис помеѓу националната безбедност и правото на приватност и заштита на личните податоци.
– Во текот на една година ја развивме првата Национална стратегија за сајбер безбедноста, заедно со акциски план кој следната недела ќе биде усвоен на Влада. Сепак, регулативата и стратегијата не се доволни. Промената доаѓа одвнатре и јавната администрација е носител на оваа визија. Затоа поставуваме амбициозна цел за формирање регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста во Скопје, каде што ќе бидат обучени вработените во јавната администрација. На овој начин, Владата ќе има силна работна сила, опремена со дигитални вештини и капацитети, рекол министерот Манчевски.
Тој потенцирал дека политичка волја е многу важна за решавање на овој проблем. – Треба да ја подигнеме важноста за ова прашање на ниво на цела држава. Политичките лидери треба да ја разберат важноста на сајбер безбедноста и да преземат соодветни мерки, додека граѓаните треба да бидат информирани за нивните права, ризиците и мерките што се на располагање. Транспарентноста во тој процес е од најголема важност, порача Манчевски.
Покрај министерот Манчевски, на панел сесијата се обратиле и проф. Дејвид Кеј, специјален известувач на ООН за унапредување и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, Татјана Тропина од Институт за меѓународно кривично право „Max-Planck“, Бедавјаса Моханти, соработник, од Фондација за истражување и набљудување и Лилс Брунер, директор на Глобална јавна политика „AT& T“.