Непрецизните одредби од законите повеќе да не бидат причина за незаслужени и субјективни казни, а за поздравување се најавите дека компаниите од инспекциите првин ќе добијат опомена пред санкција, порачаа бизнисмените од Сојузот на стопански комори на денешната инфо сесија посветена на предлози за измените на Законот за инспекциски надзор.

– Во досегашната пракса увидовме дека се оставени доста области да се регулираат кои треба да се допрецизираат со што би се отстранил сомнежот за субјективност во инспекциските надзори и како претпријатијата да се ослободат од секојдневниот стрес предизвикан од инспекциите, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Треба, како што рече, да се најде соодветна законска форма со која би се минимизирал човечкиот фактор при инспекцискиот надзор и се да се базира на точно определени правила кои компаниите би ги знаеле и би се обиделе и да ги саморегулираат пред да им дојде која било контрола.

Под надлежност на инспекцискиот совет работат 25 инспекциски служби, а компаниите, како што рече Арсовска, најчесто се „судруваат“ со Управата за јавни приходи, пазарниот, трудовиот и санитарниот инспекторат.

Министерот за информатичко општетсво и администрација Дамјан Манчевски потенцираше дека со новиот закон се воведува опомена за фирмите пред репресивни мерки, како исполнување на ветувањето до компаниите дека нема веднаш да бидат казнувани.

– Казните и инспекциите не треба да бидат механизам за полнење на буџетот, потенцираше Манчевски.

Тој дополни дека ќе се обезбеди поголема предвидливост за компаниите со обврска за сите инспекциски служби да доставуваат листа на барања до фирмите пред да дојдат инспекторите за да можат да се подготват.

– Колку што може повеќе да го елиминираме човечкиот фактор во делот на субјективноста каде се врши инспекциски надзор и тоа е прилично регулирано во делот на проценка на ризик. Инспекциските служби прават проценка на ризик кои компании во кои области се поризични. таму ќе се прават дополнителни инспекциски надзори за оној што редовно си ги исполнува опбврските да не чувствува никаков притисок од инспекциските служби, изјави Манчевски.

Новините од законот треба да помогнат и за намалување на сивата економија, како примарен проблем што редовно се евидентира во извештаите што се изработуваат во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Многу од фирмите, особено малите, биле предмет на казни заради тоа што не биле свесни дека некои закони се однесуваат на нивното работење.

– Проектот во изминатите две години работење на дел од елементите кои се регулирани со законот, како што се листите за проверки, кои делумно се компатибилно со ова што се предвидува првпат со овој закон. Идејата на тие листи е малите и средни претпријатија да извршат проверка на своето работење и да видат дали се усогласени со некои од законите што треба да ги применуваат. Тоа особено се однесува на најмалите претпријатија кои немаат капацитет да ги следат сите закони од различни области, рече Љубомир Димовски, проектен директор на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

Како што истакна Димовски, за поздравување е што првпат се зборува за опомена, а не за казнување.

Министерот Манчевски повтори и дека вработените 1000 инспектори не се доволни за да одговорат на потребите, поради што во наредниот период ќе има вработувања. Законот предвидува и олеснување на критериумите за добивањето статус инспектор бидејќи сегашната сложена постапка придонела оваа професија да стане неатрактивна.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 15:17