Во просториите на Природонаучниот музеј на Македонија вечер ќе се биде отворена архитектонска изложба „Загрозени видови“, резултат на истоимениот истражувачки проект на авторите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков.

Истражувачкиот проект „Загрозени видови“ своето внимание го насочува врз избор на значајни градби од поновата архитектонска историја на Скопје, кои претставуваат архитектонско наследство и на различен начин и во различен обем соучествуваат (а дел од нив се и клучни) во обликувањето на современиот архитектонски идентитет на градот.

Овие градби, изградени пред повеќе од половина век, денес опстојуваат во сложени услови, загрозени од своите внатрешни слабости, природното стареење на структурата и материјалите, програмската надминатост, но и политичките и идеолошки промени, јавното непрепознавање и сл. Преку изборот на карактеристични архитектонски „примероци“, истражувањето има за цел да укаже на вредностите на овие градби и на нивната состојба, на степенот на загрозеност и главните причини кои водат до него.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 16:35