Во спомен домот на Браќата Миладиновци денеска беше промовирана Монографија со фотографии од Струга и струшко направени од рускиот лекар Никола Незлобински, во рамките на одбележувањето на јубилејот 90 години од формирањето на истоимениот Музеј.

Промотор на фотомонографијата беше директорката на Управата за заштита на куктурното наследство Елеонора Петрова – Митевска, а присутните ги поздравија рускиот амбасадор во Република Македонија, Сергеи Александрович Баздникин и директорот на Музејот Денис Сефиданоски.

Фотографиите на Незлобински, според Петрова – Митевска, претставуваат ремек дело на она што е сочувано во децениите. Преку неговите дела, како што нагласи, може да се види културното, економското и социјалното живеење на Струга во еден многу значаен период за кој ние немаме сочувани фотографии.

Преку фотографиите можеме да ги видиме лицата на луѓето, пејзажите, облеката, архитектурата, начинот на живот… Никола Незлобински направил прво мелоријација на земјиштето и успеал да ја излечи Струга од маларија. Монографијата е споменик на неговото дело, на пасиониран фотограф кој преку неогвата фотографија донесе моменти до сите нас кој ќе останат засекогаш сочувани во времето, истакна директорката на Управата за заштита на куктурното наследство.

Најголем дел од фотографиите, забележа дека се направени по течението на реката Црн Дрим и покажуваат дека пејзажите не се вечни, туку оти се менуваат, како што се менува и конфигурацијата на теренот, течението на водата со ерозија и целиот систем на пејзажот.

Директорот на Музејот „Др. Никола Незлобински” нагласи дека е по речиси еден век од пристигнувањето на рускиот доктор и неговиот тим, стружани сеуште со восхит сведочат за неизмерната мотивација и придонесот кон култивирање на средината, и препознавање на богатото природно наследство како реткост од светски размери.

-Но дали ние како граѓани успеавме да ја продолжиме нивната мисија? Дали Незлобински беше помалку туѓинец од нас самите кои на нашето како на туѓо гледаме? Умееме ли денес 90 години потоа да ја препознаеме и сочуваме вредноста на регионот? Колку сме навистина свесни што подразбира УНЕСКО етикетата над Охридското Езеро, праша Сефиданоски.

Музејот, посочи тој, покрај природонаучната дејност се грижи за историското, археолошкото, етнолошкото и уметничкото наследство на регионот.

Тимот професионалци со голема посветеност работи и го продолжуваат континуитетот на генерациите работници во културата пред нив. Вредно документирани и конзервирани предмети што говорат за еден континиутет кој не следи од праисторијата до денес. Но 90 години подоцна со голема жал и воопшто незатекнати сведочиме дека природо-научната поставка ни е под закана. Ова чествување е помалку вредно пред фактот дека оваа богата оставштина од над 30.000 експонати од кои 8.000 се изложени во првичната зграда која денес дотрајана му пркоси на забот на времето, рече Сефиданоски

Се осврна на богатите депоа од чија ризница многу предмети допрва ќе бидат изложени ветувајќи дека ќе ги вложи сите негови капацитети и заедно со тимот ќе обезбедатдостојна зграда во која стружани и туристите ќе можат да се воодушевуваат на природо-научната и другите музејски збирки.

Честитајќи го јубилејот 90 години од основањето на Музејот, амбасадорот на Руската федерација, се заблагодари на сите кои до денес внимателно и грижливо го чуваат споменот за др. Никола Незлобински.

-Фотографскиот материјал на др. Никола Незлобински е вистиско богатство од минатото,кое има историска и документарна вредност не само за Македонија, туку и за Русија. Ни дава уникатна можност да патуваме назад во времето и да ја допреме историјата на луѓето, забалежа Баздникин.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2018 17:57