Со „Сирење на трпезата“ идната недела почнуваат т.н. часови за готвење бавна храна (слоу фуд) што до март 2019 година ќе ги организираат Здружението за социјални иновации АРНО, Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу фуд Водно“ и средното угостителско училиште „Лазар Танев“.
Станува збор за заедничка иницијатива чија цел е поддршка на локалната храна и на локалните прозводители, како и поттикнување на социјалното претприемништво.
Предвидени се вкупно пет часа, а останатите четири теми се „Тркало на сезоните“, „Месеници од тефтерот на баба“, „Протеински растенија“ и „Риби од нашите води“.
Како што вели за МИА претседателката на „Слоу фуд Водно“, Василка Стефановска, часовите почнуваат на 8 декември и ќе се одржуваат во просториите на „Лазар Танев“, каде што секој од заинтересираните учесници кој ќе купи ваучер за присуство ќе може самостојно, но со директни инструкции од страна на главниот шеф (готвач) да приготвува нови рецепти со традиционални состојки, според слоу фуд концептот.
-Часовите за готвење ќе ги држат шефовите Маре Јаневска („Сирење на трпезата“ и „Месеници од тефтерот на баба“), Бобан Симоновски („Тркалото на сезоните“), Зоран Мајновски („Протеински растенија“) и Дејан Карапеев („Риби од нашите води“). Продажната цена на ваучерите е 1.200 денари, а може да се купат на линкот https://kupikartizase.com/Events/casovi_za_gotvenje_slow_food, информира Стефановска.
Според АРНО, часовите за готвење се дизјанирани согласно претприемачките стандарди и имаат за цел да генерираат профит. Остварената добивка преку овој иновативен концепт понатаму се реинвестира во мисијата на проектот – надградување на знаењата и вештините на учениците готвачи од „Лазар Танев“ .
-Часовите за готвење денес се вистинска потреба. Ако некогаш учевме од своите мајки и баби без конкретни рецепти, сега имаме шанса да учиме од професионалци, да експериментираме и да истражуваме кујни. Во оваа, конретна иницијатива сите вклучени страни имаат бенефиција: училиштето добива промоција и го подобрува својот углед, учениците добиваат обуки за полесно вработување, готвачите добиваат промоција, а компаниите што ќе донираат продукти за часовите за готвење добиваат реклама и референца за својата општествена одговорност. Ова е наш обид да го претставиме социјалното претприемништво како интересен и, во нашиот случај, вкусен бизнис-модел, нагласува координаторката на проектот Ирена Димитровска.
Проектот „Часови за готвење слоу фуд“ е финансиран од ЕУ.