Меѓународна организација „Центар за извонредност во финансиите“ (ЦЕФ), деновиве ги претстави реформите и резултатите што Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ги оствари со активностите спроведени досега од доменот на статистиката на финансиските сметки.

Како што соопшти НБРМ, кон крајот на минатата година, по големата посветеност на развојот на овој значаен сегмент на централнобанкарската статистика, НБРМ го оствари првиот пренос на податоци за финансиските сметки до статистичката служба на Европската Унија – ЕВРОСТАТ.

Од Народната банка информираат дека оваа година ги испорачале и статистичките податоци за движењата на финансиските сметки на државата, кои претставуваат значајна влезна компонента за табелите за известување за ЕДП. Со тоа, велат од НБРМ, се направи уште еден голем чекор кон исполнување на барањата на ЕУ во сферата на статистиката, а во согласност со стратегиските цели на НБРМ.

– НБРМ е подготвена и за натамошните предизвици во развивањето на статистиката на финансиските сметки. Обезбедувањето квалитетни статистички податоци, целосно усогласени со меѓународните и европските статистички стандарди, е една од нејзините стратегиски определби, дефинирани и во нејзиниот Стратегиски план за следниот тригодишен период, посочуваат од банката.

НБРМ е единствената централна банка чиишто искуства од доменот на статистиката на финансиските сметки ЦЕФ ги афирмира на ваков начин пред сите свои членки.

-Тоа е уште една потврда дека НБРМ не е само една од институциите коишто се двигатели на реформите на статистичкиот систем на Република Македонија, туку и еден од регионалните лидери во централнобанкарската заедница, во сферата на централнобанкарската статистика, се наведува во соопштението на НБРМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2018 12:20