На меѓународниот фестивал „Утринска ѕвезда“, кој се одржа викендов во бугарскиот град Банско, возрасната група на драмското студио „Дон Кихот“ од Гевгелија го освои првото место со претставата „На здравје“ што ја режираа сестрите Даниела и Катица Џишеви.
Покрај првото место младите актери од Гевгелија освоиле и специјална награда во вид на ваучер во вредност од 500 евра за учество на драмскиот фестивал во Албанија, кој ќе се одржи наредната 2019 година.
Стручното жири и публиката во познатиот зимски центар Банско ја прогласиле претставата на гевгеличани за најдобро и најкомплетно остварување на фестивалот „Утринска ѕвезда“. Фестивалот работи и дејствува под заштита на УНЕСКО и има голем број настани од областа на културата и спортот во кои годинава учествуваа околу 3.000 учесници од многу европски земји.