Во Делчево по 10-ти пат се одржа манифестацијата „Вапцарови бранувања“ на која со свои творби се претставија автори од Делчево.

– „Вапцаровите бранувања“ годинава се одвиваат во два дела. Во првиот дел, денес, се реализираше таканаречениот „Вапцаров караван“ во кој проследивме литературно читање за нашиот патрон во изведба на членовите на литературен клуб кој работи во состав на нашиот Дом на културата. Со свои творби се претставија и учениците од деветолетките „Ванчо Прќе“ и „Св.Климент Охридски“, изјави директорот на Домот на културата Методи Толевски.

Учесниците изразија задоволство од учеството на денешниот „Вапцаров караван“.

– За мене поезијата е начин да ги изразам моите чувства, а посебна инспирација ми е патронот Вапцаров, за кој знаеме дека бил храбар борец кој никогаш не се срамел да каже дека има македонско потекло. За жал млад загинал и неговите дела останале инспирација за сите нас, изјави младиот поет Ана Ангеловска.

Вториот дел од манифестацијата „Вапцарови бранувања“ ќе се реализира со посета на родното место на Никола Јонков Вапцаров и со литературна размена со народното читалиште од Благоевград, Бугарија.

„Вапцаровите бранувања“ и годинава се одржуваат со поддршка од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2018 23:50