Тажна зимска судбина на Македонија. Скоро секоја година сликата во градовите е како од пост апокалиптичен филм, деца со заштитни маски, замаглени улици, преполни болници. Ветувањата остануваат неисполнети, граѓаните разочарани, пренесува Телевизија Алфа

Македонија повторно распослана со магла, смог и ПМ честички во воздухот. Ситуацијата секојдневно се влошува, не само Скопје туку и речиси сите поголеми градови се гушат во загадениот воздух кој се позасилено мириса на чад.

Македонската метропола никако да се симне од црната листа на најзагадени градови во светот. Вчера Скопје го држеше седмото место, во друштво во Пекинг, Делхи,Лахоре…

Екологистите предупредуваат дека ситуацијата е алармантна и дека одговорност за ваквата лоша состојба мора да има.

Од граѓанската организација Еко-свест бараат од Министерството за животна средина и град Скопје да започнат со итна примена на краткорочни и среднорочни мерки насочени кон намалување на загадувањето на воздухот во градот.

Бараме ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот, подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување на нови ефикасни линии, отворање на фонд за животна средина, ограничување на градежните активности и индустријата…

Вчера кај Ректоратот во Скопје се измерени 334 милиграми на метар кубен, додека во скопски Карпош 248 милиграми на метар кубен. Освен Скопје енормно загадени вчера беа и Битола каде беа измерени 306 милиграми на метар кубен, Куманово 270, Струмица 253 милиграми на метар кубен, а и Кавадарци со 327.

Додека надлежните институции велат дека ситуација се подобрувала, воздухот веќе не бил загаден како порано, неколку невладини и граѓански здруженија се закануваат со тужби до државата, и прогласување на државата каде има екоцит, односно прогон на населението заради енормната загаденост. Невладините бараат и прогласување на употреба на итни мерки доколку две дена последователно ПМ честичките се на 50, а според сегашната законска регулатива итни мерки се превземаат доколку на две мерни станици, два дена еден по друг пм честичките се на 200. Минатата години мерките беа активирани само два пати.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 01:07