Mинистерот за култура Асаф Адеми денеска во рамки на Третата светска конференција за туризам и култура што се одржува во Истанбул оствари билатерални средби со своите колеги од Турција и од Црна Гора Мехмет Нури Ерсој и Александар Богдановиќ, како и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура Јанс Шкоберне.

Како што информира Министерството за култура, Адеми и неговиот турски колега Мехмет Нури Ерсој изразија задоволство од досегашните односи меѓу Република Македонија и Република Турција кои ги карактеризира дух на пријателство и традиција, како и постојани заложби на двете страни за нивно унапредување. Двајцата соговорници изразија уверување дека наскоро ќе се потпише и новата програма за културна соработка меѓу ресорните министерства во двете држави, а се осврнаа и на актуелните прашања кои се однесуваат на културните центри во двете земји, како и активностите кои се поврзани со нивното отворање.

На средбата, како што се наведува, беше нагласена и одличната соработка со Турската агенција за соработка и координација со чија поддршка беа реализирани голем број проекти. Меѓу другите проекти, беа напомнати и редовното претставување на Република Македонија на Саемот на книгата во Истанбул, преводот на дела од неколку македонски значајни автори на турски јазик преку Конкурсот за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици што го реализира Министерството за култура и други проекти од дејностите од областа на културата.

Во рамки на престојот во Истанбул, министерот Адеми оствари работна средба и со неговиот црногорски колега Александар Богдановиќ, на која беше изразена подготвеност во наредниот период да се интензивираат соработката и размената на проекти во двете држави.

На средбата, како што се наведува, беше нагласено дека Република Македонија и Црна Гора досега имаат реализирано успешна соработка во сите дејности од областа на културата, а голем е бројот на македонските уметници кои успешно се претставиле во оваа земја. Двајцата соговорници подвлекоа дека двете држави остваруваат одлична соработка и во рамки на еминентните меѓународни организации, како што се: Форумот за словенски култури, Советот на министри од Југоисточна Европа, УНЕСКО. Беше нагласена и соработката која се негува во рамки на меѓународната мрежа „Традуки“, програмата на Европската унија „Креативна Европа“, а стана збор и околу Договорот за соработка со календар на активности во 2019 година. Беше истакнато дека потпишување на Програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Црна Гора, овозможува интензивирање на соработката меѓу институциите од областа на културата.

Министерот Адеми во рамки на Конференцијата во Истанбул оствари билатерална средба и со државниот секретар во словенечкото Министерство за култура Јанс Шкоберне. На средбата Адеми нагласи дека Република Македонија и Република Словенија традиционално негуваат одлични културни релации, а оваа земја е наш голем пријател и поддржувач во евроинтегративните процеси, за што упати уверување дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредниот период.

Адеми и Шкоберне се договорија за поинтензивна размена на културни програми меѓу институциите во двете земји, како и поинтензивна соработка меѓу националните филхармониски оркестри во Македонија и Словенија, со потпишување билатерални договори кои би овозможиле заеднички концерти, размена на диригенти, уметници и сл.

– Во насока на позначајна презентација на македонската култура во Словенија, на средбата беше разговарано и околу можноста да се основа и Културно-информативен центар во оваа земја. Во наредниот период се очекува да биде потпишан и нов билатерален документ меѓу Република Македонија и Република Словенија кој ќе претставува правна рамка за соработка меѓу институциите во двете земји, се вели во соопштението од Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 13:28