„Јас не сум виновен за ништо“ е најновата книга на хумористот, сатиричар и карикатурист Тоде Р. Блажевски, а во издание на „Бата прес“.

Делото, во кое покрај хумореските и афоризмите се објавени и познати карикатури од авторот, е објавено со поддршка на Министерството за култура како проект од национален интерес во областа на издаваштвото во 2018 година.

– Блажевски пишува за личност, за одредена категорија луѓе и за општествена група, завештувајќи ги нивните портрети како сведоштво за едно време. Оваа сорта автори, користиме нивен омилен израз, без влакна на јазикот трајно ги жигосува етичките и естетските недостатоци на поединецот од една и на колективот од друга страна. Тогаш и одговорот на погоре поставеното прашање од добриот човек е познат, пишува во рецензијата за книгата писателот, есеист и реномиран книжевен критичар Васил Тоциновски.

Според Тоциновски, хумореските и афоризмите на Тоде Блажевски се бележење/критика и најчесто исмејување на лагата и лицемерието, интригата и дипломатијата, политиката и политиканството, егоизмот, алчноста, вообразеноста и нарцисоидноста, алчноста и паразитизмот, бирократијата и корупцијата.

Тоде Блажевски (1948), дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а уште во почетокот на 1966 година во весникот „Студентски збор“ ја објавил својата прва карикатура. Оттогаш се до денес црта карикатури, цртежи и стрипови, пишува хуморески, афоризми и есеи за карикатурата. Подготвува анимирани и цртани филмови и учествува на меѓународни фестивали и симпозиуми на карикатури слики фестивали на карикатури и хумор и фестивали на анимирани цртани филмови во: Македонија, Белгија, Бугарија, Естонија, Словачка, Словенија Србија Турција, Хрватска…

Карикатури, стрипови, цртежи, хуморески, афоризми и есеи од овој автор се објавувани во голем број весници и списанија во Македонија, а свои слики и карикатури изложувал на три самостојни изложби. Покрај објавените книги и карикатури тој е автор и на анимирани филмови, а филмот „Ризик“ во 2014 година е прикажан и на 76. светски фестивал на непрофесионален филм (UNICA) одржан во Словачка.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2018 16:18