Во рамки на посетата на Република Турција, министерот за култура Асаф Адеми синоќа во Истанбул присуствуваше на отворањето на изложбата на артефакти од Музејот на Град Скопје, организирана во соработка со Културно-информативниот центар на Република Македонија во Истанбул.
Изложбата поставена во Културниот центар „Али Емири Ефенди” е насловена „Скопски материјални и духовни проблесоци“ и содржи фотографски приказни на артефакти од средновековниот и турскиот период што потекнуваат од поширокиот простор на Скопската тврдина и чаршија.
Примарен мотив на изложбата е негата на културните врски и корелации меѓу граѓаните на Македонија и Турција, одбележување 15 години од збратимувањето на Скопје и Истанбул, како и интензивирање и продлабочување на соработката од областа на културата.
Во рамките на настанот, концерт одржа музичкото дуо „Скупи“.
Владите на двете земји во изминатиот период потпишаа Договор за основање и активности на културните центри согласно кој, Македонија добива простор во зградата „Сејран“ што има статус на културно наследство и се наоѓа на плоштадот Таксим. Република Турција, пак, го добива на привремено користење културното добро „Куршумли ан“, кое ќе биде и комплетно реставрирано.