Во рамки на изложбата „Духовите на Африка“ доцент д-р Велика Стојкова Серафимовска денеска во Музејот на Македонија ќе одржи предавање со наслов „Ритамот и звукот на Африка: кон корените на светската музика“.

Преку претставување на различни ритуални практики во кои ритамот, музиката и танцот се дел од синкретичните обреди, предавањето ќе биде прошетка низ африканската музичка традиција која по своите карактеристики се извдвојува како една од најстарите, најзачуваните и најразновидните во светот, а која и понатаму влијае на многу светски цивилизации и традиционални култури.

Истражувањата на уникатната полиритмика и полифонија на африканската ритуална музика од страна на светски етномузиколози и антрополози, ја позиционираат Арфика во срцето на светската музика, од каде понатаму се развиле различни форми и жанрови. Истовремено, спецификите на ритуалите, кои и денес се задржани длабоко во традициите на африканските народи и заедници, ја впишуваат Африка и нејзината исклучително богата и разновидна традиционална култура на листите на УНЕСКО на нематеријално културно наследство на човештвото, каде Арфика има посебен третман и статус.

Доц. д-р Велика Стојкова Серафимовска е експерт на УНЕСКО за нематеријално културно наследство и етномузиколог во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ (УКИМ) во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 15:45