Во организација на Спомен-куќата на Мајка Тереза и Католичката црква во Македонија, а на барање на европратеничката Маријана Петир, вчера во Европскиот парламент во Брисел беше отворена изложбата „Мајка Тереза – светица од Скопје, светица на светот“.
Изложбата беше дел од отворањето на Европскиот молитвен појадок, како и дел од настаните кои го означуваат завршувањето на Европската година на културното наследство.
Во рамки на изложбата изложени се 24 колажи кои го претставуваат животниот пат на најголемата хуманитарка на XX век, почнувајќи од нејзиното детство и младост во Скопје, до нејзината канонизација, односно прогласување за светица.
На отворањето присуствуваа претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, пратеничката Маријана Петир, скопскиот бискуп и струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, директорот на Спомен-куќата на Мајка Тереза Ариан Асланај и претставници на Европскиот парламент.
Бискупот Стојанов нагласи дека Европа има потреба од срцето на Мајка Тереза за да опстане и остане Европа доследна на својата култура.
Директорот Асланај ги повика присутните да го посетат Меморијалниот музеј во Скопје кој е единствен музеј во светот посветен на Мајка Тереза.
Овој проект на Спомен-куќата на Мајка Тереза е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.