Млади кореографи на возраст до 35 години од целиот свет можат да аплицираат на интернационалниот повик „DANCELAB 2019“, што е отворен до 15 јануари 2019 година. Под уметничко водство на македонскиот амбасадор во танцот Рисима Рисимкин, „DANCELAB“ е престижен меѓународен натпревар и е дел од Танц Фест Македонија кој следната година ќе го прослави својот 15-годишен јубилеј.
За учество на натпреварот може да аплицираат кореографи со своја оригинална кореографија во времетраење од најмалку седум, а најмногу 13 минути, на слободна тема, со обработка на иновативни идеи во полето на современиот танц. Аплицирањето се врши електронски, на официјалната веб-страница на Танц Фест (www.dancefestskopje.com.mk).
Уметничкиот директор на Танц Фест Македонија Рисима Рисимкин смета овој фестивал направи извонреден чекор во позиционирањето на современиот танц во Македонија, а ТАНЦЛАБ – Интернационалниот натпревар за млади короеграфи е дел од придобивките на овој фестивал.
– Очекуваме голем број пријави, според сознанијата од последната апликација во 2015 година, и се надеваме дека на 5 и 6 април 2019 година во рамки на јубилејното издание на Танц Фест нашата публика ќе има можност да ужива во творештвото и креациите на млади од целиот свет, истакна Рисимкин.
Рисимкин и Танц Фест Македонија четврти пат ќе бидат домаќини на кореографи од целиот светот, кои на натпреварот ќе бидат оценувани од интернационално жири, составено од еминентни имиња со светска репутација во полето на танцот. Наградата на натпреварот е „Златна пеперутка“ и се доделува во категоријата „најдобра короеграфија“. Добитникот на „Златна пеперутка“ ќе има ексклузивна можност да создаде оригинално уметничко парче за Скопје танцовиот театар. На последното издание на „DANCELAB“ „Златната пеперутка“ му беше доделена на Фабио Либерти од Италија.