Во најновиот број на авангардното словенечко списание за култура „Апокалипса“ објавени се преводи на два подолги расказа „Писмо“ и „Полковникот Тик“ на Александар Прокопиев, преземени од неговата најнова книга „Делфинот“. Преводот е на Тим Сенчар.

Досега одделни раскази од „Делфинот“, во издание на „Бегемот“, се преведени и објавени на чешки, унгарски, српски и хрватски јазик, а книгата е во процес на преведување кај српскиот издавач „Геопоетика“ и словенечкиот „Апокалипса“.

Прокопиев досега напишал десетина книги куси и подолги раскази, есеи, роман и хаику збирки. Делата на Прокопиев се преведени на англиски, италијански, полски, словенечки, хрватски, српски, албански, турски и арапски јазик, а одделни негови прози, есеи и хаику се печатени и на руски, јапонски, француски, чешки, словачки, унгарски и други странски јазици. Во 2007 година неговиот роман „Ѕиркачот“ влезе во најтесниот избор за угледната меѓународна книжевна награда „Балканика“, што ја доби 2011 за збирката раскази „Човечулец (бајки од левиот џеб)“.

Во младоста активно и успешно се занимавал со рокенрол и алтернативен театар, а во последните години е сценарист и косценарист на анимирани филмови, што имаат добиено низа награди по меѓународни филмски фестивали.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 15:50