Турбуленциите и неизвесноста ги оставивме зад нас, во историјата, а пред граѓаните и бизнисот отворивме економски перспективи кои ветуваат стабилна деловна клима и силна институционална поддршка за секоја претприемачка идеја која е втемелена на знаењето, иновациите и новите технологии, порача министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска во своето обраќање на првиот „Светски конгрес на претприемачи“, што се одржува во Загреб.

Како што информирааат од нејзиниот Кабинет, зборувајќи за процесите на политичкото стабилизирање на државата преку посветеноста на Владата за реализација на стратегиските приоритети за влез во НАТО и започнување на преговори со ЕУ, Апостолска истакна дека Македонија прерасна во функционална држава на владеењето на правото и европските вредности. Осврнувајќи се на владините економски политики за поддршка и поттикнување на инвестициите преку Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, Апостолска пред присутните претприемачи потенцираше дека државата на транспарентен начин, согласно јасни критериуми и без преговарања, со директна финансиска поддршка ги мотивира претприемачите да влегуваат во нови инвестициски проекти.

-Во рамки на овој сет на мерки, компаниите кои ќе одлучат да инвестираат во Македонија може да очекуваат финансиска поддршка за креирање на нови и добро платени работни места, за воспоставување на деловна соработка помеѓу домашните и странските компании, воведување на нови технологии и знаење во производните процеси и развој на отварање центри за равој на технологии, како и за поттикнување на конкурентноста и освојување на нови пазари, рече Апостолска, притоа порачувајќи пред присутните дека за 37 отсто е повисока буџетската финансиската поддршка која стопанството може да ја очекува од Владата во 2019 година.

Говорејќи за севкупната деловна клима во Македонија, министерката Апостолска се осврна и на владините приоритети во делот на инфраструктурата, енергетиката и програмите за дуално образование, кои се едни од главните услови за обезбедување на атрактивни и стабилни инвестиции.

На првиот „Светски конгрес на претприемачи“, што се одржува од 4 до 7 декември во Загреб, партиципираат над 600 учесници, сопственици на компании, претприемачи, менаџери, политичари, претставници на академската средина од десетина земји од југоисточна и средна Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2018 17:36