Прехранбената индустрија „Витаминка“ што ја купи фабриката за масло „Брилијант“ од Штип заедно со велешката фабрика „Благој Ѓорев“ има иницијатива да учествува во откупот на сончоглед, да заживее производството и повторно оваа култура да се врати на македонските ниви. Ова го изјави генералниот директор на „Витаминка“ Сашо Наумоски на денешната прес-конференција во погоните на фабриката „Брилијант“ во Штип, одбележувајќи шест месеци позитивно работење откако прехранбената индустрија ја купи за 7,3 милиона евра.
– Имавме иницијатива со фабриката за масло „Благој Ѓорев“ од Велес. На состанок во Владата дадовме поддршка за велешкиот производител, ние да супституираме во откупот на сончоглед, да заживее производството и повторно да се врати оваа култура на македонските ниви. Фабриката, исто како и нас бараше, државата да го субвенционира примарното производство на сончоглед. Ние стоиме на располагање, сето количество сурово масло кое фабриката „Благој Ѓорев“ ќе го има вишок да го откупиме по цените кои се на светската берза. Инаку суровините ги набавуваме, главно од Бугарија, изјави Наумоски.
За шест месеци, фабриката „Брилијант“ го врати македонскиот пазар и веќе се пробива на пазарите во соседните земји.
– Задоволни сме од пласманот во Македонија. Достигнавме 40 отсто од производствените капацитети во фабриката и работиме да се вратиме на пазарите во соседните земји, Србија, Косово и Албанија. Во Србија оди потешко, шансата ни се отвори во Косово каде интензивно работиме и сме концентрирани. Ги презедовме сите вработени, а дистрибуцијата на пазарот е навремена и не доцни во испораките, вели Наумоски.
Фабриката е со дневно производство од 100 тони масло за јадење. Линијата за производство е најсовремена, рафинирањето на маслото е на повисок степен од други производители, а поради заштитата на животната средина променет е енергенсот од мазут со земјен гас. Не се очекува зголемување на цената на маслото.
– Во моментов нема најави, ниту на светските берзи за покачување на цената на маслото за јадење, резимира Наумоски.
Фабриката, како што рече, со квалитет се пробива на пазарот, а нелојалната конкуренција ја има, но тоа ќе биде потешко, зашто државата почнува да става ред во оваа сфера. Најголемиот проблем е со одливот на стручни кадри, но се преземаат чекори за нивен поттик да останат тука, а компанијата дава поддршка на дуалното образование.
– Даваме поддршка на дуалното образование. Имавме разговори со прилепската регионална стопанска комора, со локалната самоуправа и дадовме поддршка заедно со комората на германските здруженија и ние да бидеме дел од тој проект, нагласува Наумоски.